среда, 25 април 2007

Стоби пронајдени монети!!


Монетите од времето на Веспазијан, на аверсот го носат профилот на царот, додека на реверсот гледаме: четириколонен храм со минијатурна фигура на Асклепиј на средина, Бонус Евентус - гениј на добрата среќа; непознат гениј со мала Викторија во раката и рогот на изобилието, со шлем, штит и оклоп: жена - гениј на градот Стоби со венец во косата, во рацете ги држи мала Викторија и рогот на изобилието. На еден тип монета од времето на Тит и Домицијан се гледаат профилите на двата цара свртени еден кон друг, додека на реверсот е храм со 4 колони.
На монетите на Домицијан (81 - 96) се гледа храм со четири колони и со мала фигура на царот во воена опрема со копје и скиптрон. Познати се и монетите со профил на неговата сопруга Домиција.
На монетите на Трајан (98 - 117) гледаме: четириколонен храм со фигура; но и една мошне значајна симболична сцена со жена - гениј на градот со корона муралис (градска круна) во косата, со мала Викторија и скиптар во рацете. Лево и десно под неа лежат две брадести фигури со садови од кои истекува вода. Десната фигура држи трска. Тоа се речните гении на Еригон и Аксиј. На монетите на Марко Аврелиј(161 - 180) се гледа иста претстава, потоа фигура на Јупитер со скиптар и патера (плитка култна чинија); фигура на Викторија, жената - гениј на Стоби со копје и патера.
На еден тип монети на Фаустина Помладата, сопруга на Марко Аврелиј, се гледа Фортуна со рогот на изобилието и кормило.
Монетите од времето на Септимиј Север (193 - 211) ја носат Викторија со венец и палма.; Плутон ја граба Персефора; Персефора во квадрига (четвороспрег).
На еден тип монета на Јулија Домна, втората сопруга на Септимиј Север, која извршила самоубиство со апстиненција од храна, ги гледаме нејзиниот профил и сцената Грабањето на Персефора. На монетите од нејзиниот прв син Каракала (198 - 217) се гледаат: Викторија во повеќе варијанти, Јупитер на престол со скиптар и мала Викторија; Плутон ја граба Персефора, Јупитер кој стои; Деметра која стои; Меркур со ќесе пари во раката седи на карпа.
На монетите на Гета (209 - 212), вториот син на Јулија Домна, се гледа фигура на војник меѓу две нимфи или Викторија.
На монетите на Елегабал (218 - 222) се гледа: Јупитер седи, со мала Викторија и скиптар; фигура на момче (можеби атлетичар) со победнички венец и палма; Викторија во неколку варијанти; фигура на борец; Плутон ја граба Персефора.
Сите досега познати монети се исковани во бронза. Со оглед на скромниот репертоар типови на овие монети, во науката постои мислење дека монетарницата на градот Стоби ковала исклучиво јубилејни - пригодни монети.

Нема коментари: